За Факултетот
Мисија
Визија
Стратешки цели
- Континуирано унапредување на квалитетот на наставниот процес и модернизација на студиските програми во согласност со глобалните технолошки трендови.
- Развој и поддршка на врвни научни истражувања, иновации и трансфер на технологии.
- Интернационализација на наставата, науката и институционалната соработка преку учество во меѓународни програми и проекти.
- Продлабочување на соработката со индустријата и јавниот сектор преку заеднички проекти, практична работа и трансфер на знаење.
- Поттикнување на претприемништвото, иновативноста и развојот на стартап-екосистемот.
- Развој на современа дигитална и истражувачка инфраструктура.
- Обезбедување инклузивна, транспарентна и стимулирачка академска средина за студентите и вработените.
- Поддршка на дигиталната трансформација на општеството преку развој на современи информатички решенија.
- Јакнење на системот за обезбедување квалитет и институционална извонредност.
- Развој на човечките ресурси преку континуирана едукација, професионален развој и доживотно учење.
Историјат
Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) е резултат на здружувањето на двата најголеми институти од областа на информатиката и компјутерската техника во Македонија – Институтот за информатика (ИИ) при Природно-математичкиот факултет и Институтот за компјутерска техника и информатика (ИКТИ) при Факултетот за електротехника и информациски технологии.
Во дадената форма двата институти работат уште од осумдесеттите години на минатиот век. ИИ почнува да работи од далечната 1985 година како рамноправна составна целина на повторно обединетиот ПМФ под името Институт за информатика. ИКТИ потекнува од Катедрата за техничка кибернетика, која 1982 година прво прераснува во завод, а потоа и во институт.
Во овој период од скоро 30-тина години кај овие Институти се случува постојан раст во научните и техничките капацитети, како резултат на извонредните залагања на нивните членови, а во тренд со светскиот подем на информатиката. Сѐ поголемиот интерес на студентите за оваа област и сѐ поголемиот развој и можностите на двата Институти доведуваат до тоа во последните учебни години да станат најголеми институти на факултетите и да опслужуваат скоро 50% од студентите.
Во целиот период на развој, постојат голем број заемни проекти и истражувања, како на лична, така и на институционална основа. Двата институти беа во постојаната трка за што повисок квалитет на студиите, научно-истражувачката и апликативната дејност. Ваквата трка всушност резултираше со еден конечен обединувачки фактор – сѐ позначителен развој и подем на информатиката во Македонија и формирање на една исклучително силна заедница на информатички насочени наставни кадри. Од 2011 година тие и формално започнуваат да чекорат по заеднички пат како најсилна и најнапредна научно-истражувачка и образовна институција во Македонија од областите на информатиката – Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
Монографија
ФИНКИ со гордост ја претставува Монографијата „10 години ФИНКИ“, која ги прикажува клучните моменти, достигнувања и успеси на факултетот во текот на првите десет години од неговото постоење. Монографијата е достапна во електронска форма и може да се прегледа на следниот линк.
Решение за заштита на трговска марка
Лого на ФИНКИ
Бои
Доминантна боја на симболот на ФИНКИ – логото е сината, во две нејзини варијанти. Двете комбинации на сината формираат целина на светол и темен тон кои ги спојуваат двете основни карактеристики на сината – смиреноста и јачината. Оваа боја често се користи при корпоративно брендирање, поради нејзиниот сериозен карактер, кој на гледачот му создава чувство на доверба и сигурност.
Техника
При изработката на логото на ФИНКИ, користен е минималистички пристап. Елементите се едноставни и јасни, користени се правилни и едноставни форми. Како централен елемент е поставен кругот, како совршена форма околу која се поврзани останатите елементи.
Симболика
Основни симболи на логото се цифрите „1“ и „0“, кои директно посочуваат на бинарни броеви, како основа на секој компјутерски систем. Воедно, „1“ и „0“ можат да се гледаат и како еден број – „10“ (десет), како највисока оценка во високото образование. Поради формата на двата елемента, броевите „1“ и „0“ можат да се гледаат и како латинични букви „И“ и „О“, кои со себе носат дополнителна асоцијација на термините Input/Output, кои директно асоцираат на пренесување на знаења и нивно ширење надвор од Факултетот или, пак, информатичко образование (И.О.), како носечка дејност на Факултетот.