Свечено отварање на суперкомпјутерскиот систем Леонардо
На 24.11.2022 година во технолошкиот парк во Болоња, Италија беше отворен суперкомпјутерскиот систем Леонардо, во моментов 4. пласиран на Top500 листата на најбрзи суперкомјпутери на светот. Системот е заедничка инвестиција на Италија и Европската унија преку EuroHPC JU. Имајќи предвид дека нашата земја е рамноправна членка на EuroHPC JU, македонските истражувачи имаат можност да се пријавуваат на отворените повици за активно користење на овој, но и другите системи обезбедени со поддршка на EuroHPC JU. ФИНКИ, како Национален Центар за компетенции и како институција која на национално ниво го има мандатот да ги кооридинира активностите во рамките на EuroHPC JU е на располагање на сите истражувачи, но и компании од земјата за поддршка за користење на проецесирање со високи перформанси (HPC) и аплицирање за европските ресурси за таа намена. На свеченото отварање на Леонардо, беше присутен д-р Анастас Мишев, редовен професор на ФИНКИ.
Системот Леонардо се состои од 4992 пресметувачки елементи, распоредени во 155 ормари, поставен на преку 600м2 простор, со вкупно 2800 Терабајти RAM меморија и преку 110 Петабајди простор за складирање. Врвните перформанси достигнуваат 250 PetaFLOPS. Вкупната потрошувачка на енергија е околу 6000 kW.